Тој е толку едноставен, а сепак многу вкусен. Ова е мојата верзија на Батенберг колач за чија историја се провлекува многу убава љубовна приказна која ќе ве оставам сами да ја истражувате, а јас ќе ви предложам да си го направите и со овој колач да ги засладите своите сакани.

Подготовка
1. Ја вклучуваме рерната на 170 степени да ни се загрее.
2. Путерот кој треба да ни е омекнат го матиме заедно со шеќерот до соединување.
3. Ги додаваме едно по едно јајцата.
4. Во брашното го ставаме пецивото и го додаваме кон изматената смеса. Ставаме и сол.
5. Смесата ја делиме на два дела. Во едниот дел додаваме јако кафе и какао, соединуваме.
6. Во другиот дел додаваме ментол екстракт и зелена боја, соединуваме.
7. Во тавче со димензии 35х25 ги ставаме двете смеси. Печеме околу 20-25 минути, а дали е печено пробуваме со дрвена чепкалка, ако е сува, печено е.
8. Го ладиме, а за тоа време го подготвуваме ганажот.
9. Ја доведуваме слатката павлака до вриење, па во неа го ставаме искршеното чоколадо. Го мешаме додека да се растопи и смесата ја оставаме да подизлади.
10. Изладените теста ги делиме на две половини по должина. Редиме прво кафеаво, мачкаме со ганаж на споевите, спојуваме. Ги премачкуваме одозгора па врз нив на кафеавиот ставаме зелен дел, а врз зелениот ставаме кафеав дел. Целиот колач го премачкуваме со чоколадниот ганаж.

Забелешка
Поискусните домаќинки знаат дека ова е многу едноставен колач, ама ќе бидам темелна во објаснувањето заради оние млади домаќини и домаќинки кои сакаат да готват вакви делиции, кои се убави на око ама и особено вкусни. Пред да ги печете тестата. Во тавчето ќе ставите насредина свиткана мрсна хартија за печење која ќе ја зацврстите од внатрешниот дел со еден картон, за да ги подели двете теста. Таа ќе биде насекаде низ тавчето, ама во средина ќе биде свиткана и засилена со картон. Се извинувам што немам дополнителни фотки, ама верувам дека ќе се снајдете, ако не на мој начин, на ваш. Кога ќе се изладат двете теста прво ја израмнуваме нивната горна површина, ги ставаме едно до друго и засекуваме со нож по површината, до израмнување. Потоа ги ставаме едно врз друго и ги изедначиваме од сите страни со засекување, со нож, па потоа ги делиме на два дела по должина. Така ќе добиеме два идеални дела од кои ќе направиме совршен квадар колач. Чоколадниот ганаж го ладиме се до оној момен кога е спремен да се мачка по колачот, зашто ако го оставиме да се излади соесема, нема да може да се распореди врз колачот.