Традиционален македонски рецепт кој го правеа моите баби, сеуште го прави мојата мајка, исто и јас. Овие продукти ги има преку целата година и ја создаваат неговата оригиналност. Приготвуван за време во пости е вистинска посластица, кој од посен намаз со својата вкусност ќе премине и во оброк.
Подготовката е едноставна.

1. Се варат сувите пиперки додека да омекне лушпата. Кога ќе се сварат НАЈБИТНО е додека се жешки да го одделите месото на пиперките, бидејќи ако се изладат нема да може да се отстрани лушпата, а секако се вади и семето.
Чистените пиперки се ставаат во лучница (дрвен сад/ваган), се додава исчистениот лук, се става сол и со толчник се толчи сето заедно.

2. Компирите се мијат убаво и паралелно со пиперките и тие се варат заедно со лушпата. Јас ги варев одделно пиперките од компирите, но може да се варат и заедно.
Компирите сварени и додека се топли се лупат и со вилушка се пасираат, додавајќи од топлата вода во која се вареа додека да се добие пире. Во нив се додаваат истолчените пиперки и лук и сето се меша убаво до добивање на мазна и убава смеса.
Се додава сол по вкус и мешан сув зачин. На крајот маслото се загрева и се разлева врз намазот, кој чврчорејќи ќе замириса прекрасно.

Напомена
~ Количината на лукот па и другите состојки може сами по вкус да си ги одредите
и менувате.
~ Според семејните вкусови наместо лук некаде се става ситно сечкан праз.
~ Одлично одговара во комбинација со џимиринки, па наместо масло може да се полее со врело сало.
Потрадиционално и пооригинално здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани