Додека го пишувам рецептов си каснувам од колачот и да споделам вкус...Чоколадо, путер, ореви...на моменти крцкав...специфичен, а сепак дискретен фил...Единствено мој совет е кога ќе ставате ореви навистина ситно да ги насечкате, за да не ви се рони додека го консумирате. Посакувам да го пробате колачов, навистина е вкусен. Подготовка 1. На средна температура ги топиме заедно чоколадото и путерот. Мешаме до соединување, па оставаме да подизлади. 2. Ја вклучуваме рерната на 160 степени ако ви е со вентилатор, ако не е со вентилатор, на 180 степени. 3. Во сад ги матиме јајцата заедно со кафеавиот шеќер, да побелат и да се волуменизираат. 4. Го додаваме ванила екстрактот и подизладената чоколадна смеса. Мешаме со шпатула. 5. Ги додаваме какаото и брашното, ама низ сито, ги просејуваме, за да не ни се направат грутки. 6. Соединуваме со шпатула, а во меѓувреме ги додаваме и сечканите ореви. 7. Соединуваме, па половина од смесата ја распоредуваме во тава со дијаметар 21 сантиметар, која сме ја премачкале со путер. 8. Печената тиква и путерот од кикирики ги соединуваме со миксер. 9. Формираме топчиња кои ги ставаме врз половината од чоколадната смеса распоредена во тавата, па ги покриваме со останатата половина. 10. Го посипуваме со мелени ореви. 11. Печеме околу 40 минути во загреана рерна. 12. Го ладиме пред да го сечеме, бидејќи многу е ронлив ако не е изладен. Забелешка Го печев во делимано тавата за чизкејк, феноменално, не се залепи, многу лесно се одвоија страниците. Само го протресов странично, лево десно и го отстранив страничниот дел, а потоа и од дното го одвоив колачот. Препорака ми е ако го печете во ваше тавче освен путер и да го набрашните или да го печете на хартија за печење. Инаку пробан ми е и со 100 гр шеќер, ама ако сакате посладок колач и заситување со едно парче, препорака ми е со 150 гр кафеав шеќер. Почекајте да се излади за да го сечете, а не како мене, нестрплива , ама и немав друг момент за да го фотнам, па го пресеков уште топло. Инаку кога е изладен колачов, многу посовршени парчиња излегуваат.