Хелоу Кити Торта
Секогаш кога правам торта најпрвин го спремам филот. Најпрвин се кршат јајцата и се двојат белките од жолчките. Жолчките ги ставаме во еден сад (20 жолчки), а белките во два сада од по 10 белки. Од белките ќе ги правиме белите кори а жолчките ќе ги употребиме за филот.
За филот ни е потребно 1,5 л. млеко кое заедно со шеќерот се ставаат во тенџере на оган да зоврие, а во меѓувреме се матат жолчките со брашното и уште ½ л. млеко. Откако убаво ќе се изматат се додаваат во тенџерето со млеко и се варат на тивок оган додека не добие густа смеса, а потоа се трга настрана и се дели на 2 дела. Во едниот дел се става 200 гр.црно чоколадо (јас ставам 100 гр. млечно чоколадо и 100 гр. чоколадо за готвење за подобар вкус), а во другиот дел 200 гр. бело чоколадо се промешува и се остава да се излади.
Додека чекаме да се изладат филовите ги спремаме корите.
10 белки се матат со 10 лажици шеќер додека не се добие цврст снег и се додава 2 лажици масло за јадење и го исклучуваме миксерот, па полека лажица по лажица додаваме 6 лажици брашно, 100гр. мелени ореви и 50 гр. сечкани ореви. Корате се пече на 180 степени 10 минути. Се прават 2 такви кори.
За црните кори се матат по 8 цели јајца со 10 лажици шеќер убаво да се изматат и се додава 2 лажици масло за јадење. Повторно го исклучуваме миксерот и го додаваме брашното (претходно измешано со 2 лажици какао и пола пакетче прашак за пециво. Се прават 2 такви кори. Оставаме да се ладат и корите и филот.
Во меѓувреме го правиме шаблонот.
На картон го цртаме мачето Хело Кити и го сечеме. Го замотуваме во алуминиумска фолија и откако корите убаво ќе се изладат шаблонот го ставаме врз корите и ги кроиме сите кори.
Кога е убаво изладен филот се меша со по 1 изматен маргарини во дватa фила. Во белиот фил се додава 150 гр. мелени бисквити и 150 гр. мелени лешнаци, а во црниот фил се додава 150 гр. сечкани ореви и 3 лажици нутела крем и 100 гр.млечно чоколадо.
Се филува:
црна кора – чоколаден фил - бела кора- фил со бело чоколадо - црна кора- чоколаден фил -бела кора- фил. Убаво се премачкува целата торта.
За украсување на тортата се прави фондан од локум и шеќер во прав.
Кога го спремам фонданот никогаш не мерам колку шеќер ставам, но од прилика колку локум толку шеќер (почесто ставам и повеќе шеќер за да добијам поцврста и постабилна смеса). Локумот го месам еден до два дена порано, го месам убаво, го обојувам во саканата боја, го замотувам во најлонска фолија и го чувам на собна температура (никако во фрижидер ). Сите додатоци и украси за тортата ( очи, машна,мустаќи, цветчиња, букви исл.) ги правам еден ден порано за да бидат поцврсти и полесно да се украси тортата.
Се надевам дека доволно објаснив.
Лиценца: Сите права се задржани