Оваа торта е мојот 100-ти рецепт која ја правев со многу љубов и посветеност, посебно бидејќи временски се поклопи и со роденденот на мојот сопруг, но и со мојата намера како стотти рецепт да направам нешто убаво и вкусно.

Се приклучив на овој сајт бидејќи е место за секој кој сака да приготвува јадења, како и за оние кои уживаат во јадењето.
Се придружив на ова место каде што може да се научи нешто ново и несебично да се сподели сопственото знаење за готвењето со другите ентузијасти.

Заради сето ова се заблагодарувам на тимот на Мои Рецепти за соработката, која би сакала и понатаму да продолжи, со сите сугестии и совети со цел уште повеќе да напредувам во готвењето и тука да го споделувам наученото и она мое инвентивното. Им се заблагодарувам и на сите членови и обожаватели на страната за сите нивни коментари кои ги прифаќам конструктивно и за сите добиени лајкови.

~ Подготовка на тортата ~

Прво тесто
Се матат јајцата со шеќерот, се додават мелените ореви, брашното измешано со пецивото, ситно изренданото чоколадо, сокот и изренданата кора од ½ портокал. Се печи во тава бр.30 обложена со мрсна хартија 20 минути на 180 степени и уште 10 минути на 150 степени.

Второ тесто
Се матат 6 белки со шеќерот, се додава брашното со пецивото, презлата и на крај мелените ореви и лешници. Се печи во тава бр.30 обложена со мрсна хартија 20 минути на 180 степени и уште 10 минути на 150 степени.

Трето тесто
Се подготвува исто како првото тесто.

Фил
- На пареа се матат 6 жолчки со шеќерот во прав додека да згуснат внимавајќи да не се преварат, па се додава чоколадото да се растопи убаво и се остава добро да се излади.
- Се мати путерот/маргаринот (на собна температура) и се соединува со кремот од жолчки.
- Се мати 100 гр. шлаг пена со 150 мл. ладно млеко и таа се соединува со кремот од жолчки.
- Се мати шлаг кремот од чоколадо по упатството и се соединува со претходната смеса.
- Филот се дели на 2 дела и се филува по следното
Прво тесто – фил, второ тесто – фил, трето тесто.
- Се мати уште еден шлаг крем од чоколадо по упатството и се премачкува целата торта.
- Се мати 100 гр. шлаг пена со 150 мл. ладно млеко и со готварски шприц се украсува тортата.

Тортата е доста висока, а ако сакате пониска торта, во тој случај ќе треба во првото и третото тесто (бидејќи се идентични) да не ставате пециво, да намалите 1 лажица брашно, а во второто тесто да не ставате пециво. Сите 3 теста печете ги во тава бр.28, исто така во филот не ставајте го крем шлагот од чоколадо.
Во второто тесто во оригиналниот рецепт се става само сечкани ореви (јас ставив мелени ореви и лешници, а не сечкани поради моите гости).

Најскапо е времето кое нема да се врати назад, затоа секој одбира каде ќе го троши, а на сите кои дел од своето скапоцено време трошат на оваа за мене респектирана страна, би требало благодарно да им се вреднува.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани