Сладок леб со кондензирано млеко
Овој рецепт го меркав уште пред темата и се поклопи во исто време. Интересно е што несакајќи по грешка од него изведив две верзии, па така и онаа по грешка испадна доста солидна. Прво ќе го опишам оригиналот кој оди без махлеб, а потоа во дополнение и верзијата која ненамерно со грешка испадна скоро како да јадиш козињак.
Истурете го кондензираното млеко во садот за месење. Во каначето наполнете топла вода. Пола истурете ја во млекото, а во останатата половина ставете го квасецот со прстофат шеќер и оставете да се активира.
Истурете го активираниот квасец во садот за месење и во истото каначе измерете половина масло, па и него додајте го во садот.
Ставете ги јајцата и махлебот (доколку имате и сакате) и измешајте ги сите состојки заедно. Потоа додадете сол, измешајте и почнете со додавење на брашното. За почеток мешајте со лажица, а потоа со рака. Постапката секако можи да ја работите и во миксер.
Брашното не е пресудно. Можи да ви влези помалку или повеќе. Тестото секако ќе треба да е меко и по малку да лепи на рацете. Ќе работите со набрашнување на рацете или со намрсување. Намастени раце со маргарин одлично се покажаа за овој процес.
Измесеното тесто покријте го и остевете го да се дуплира половина час.
Потоа правете топчиња кои ќе ги редите во премачкана тава со маргарин. Не ги правете многу големи, нарастуваат. Покријте ги и оставете ги повторно да нарастет уште половина час.
Нараснатите топчиња премачкајте ги со жолчка и печете ги на 190С додека заруменат одозгора. Потоа покријте ги со хартија или алу фолија и допечете ги покриени додека во собата не ви замириса на убавината од рерната.
Грешката испадна кога заборавив да ставам јајца : ) Првиот пат излегоја тули : ) Решив одново да ја правам и повторно јајцата не ми идат во „кадар“, па така додадов уште едно каначе вода и се си дојде совршено. А оваа верзија мене лично повеќе на козињак ми асоцираше на вкусот иако без јајца. Махлебот го ставив во погоре опишаната, но чинам во оваа уште посовршено ќе беше.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови