Најпрво пригответе го филот
- Загрејте ја павлаката, но не да проврие. Тргнете од огнот, додадете го ситно искршеното чоколадо и измешајте додека се растопи или пак едноставно стопете го чоколадо во павлаката над пареа. Тргнете, додадете го и путерот, измешајте да се добро изедначат сите состојки и оставете да се лади. Кога е оладено на собна температура ставете во фрижидерот да стои додека ја приготвите смесата за подлогата.
За подлогата
- Со миксер изматете го јајцето заедно со ванилата и шеќерот во прав, а потоа варете ја смесата над пареа околу 5-6 мин. постојано мешајки со жицата, тргнете го садот да се лади смесата, а за тоа време со миксер пенесто изматете го путерот, додадете во него веќе оладената предходна смеса, со миксер сега добро изматете. Во добиената смеса ставете ги мелените бисквити и измесете ја смесата.
На работна површина посипана со шеќер во прав или на хартија за печење ставете ја смесата, покријте со друго парче хартија за печње и со сукало расукајте кора во дебелина од околу 5 мм. потоа исечете на коцки 3х3 см. или пак сечете правоаголници.
Извадете од фрижидерот оладениот фил и ставете во шприц, на две коцки ставете од филот, поклопете со третата коцка со раката добро оформете подналегнувајки да се убаво слепат, ставете ги во фрижидер да стојат кое нешто ќе овозможи подобро глазирање на истите.
Глазура
- Во загреаната слатка павлака стопете го чоколадото, нека само малку олади и глазирајте ги мињоните, додатно декорирајте како сакате.
Напомена
- Намерно не напишав за кое чоколадо се работи - бело или црно од причини што може да се работи во обратна варијанта.
- Од краевите што ми остануваа направив и бомбички.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани