Превкусен рецепт, лесен за подготовка, иако со необично полнење, феноменален вкус. Гостите не можеа да се најадат :)
За овој рецепт заслужен е другар ми Кире од Струмица, тој го најде и го сподели со мене. Кире, ти си на ред да ги приготвиш ;) 

Компирите сварете ги, излупете ги и испасирајте ги во пире.
Кромидот ситно исецкајте го и пропржете го на малку масло додека не зарумени. Соединете ги кромидот и пирето од компир и зачинете по вкус.
Филот е готов.

За тестото во сад измешајте ги сите состојки додека не добиете нелепливо тесто. Додадете брашно ако има потреба.
Рассукајте кора и вадете округлести форми со чаша или од мало делче тесто рассукајте кругче. Во средината на секое кругче ставете од филот, преколпете го кругчето на половина (како панцерота), притиснете ги со вилушка каревите и ставете ги во врело масло за де испржат од двете страни да заруменат.
И пирошките се готови :)

Јас направив неколку форми како што опишав погоре, но направив и неколку завиткани како ролат. Ако ги правите како ролатчиња внимавајте да не се многу мотани за да може да се испржат убаво. Штом се сокрие филот спојте го тестото со прсти и ставете ги да се пржат. Доколку ги правите како ролатчиња прво свиткајте ги од страна каревите, да не истече филот, потоа направете мало ролатче. Вишокот тесто исечете го и вратете го во садот кај другото тесто. 

На фотографијата е послужено со ТАРТАР СОС СО БЕЛО ВИНО.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани