Празници се ближат, празници се ближат... Празниците се во ек, но мислам дека за овие колачиња нема сезона. Првиочниот рецепт е боза, што би рекол Фичо, јас само му додадов малку празнична магија, ванила и портокал, комбинација од соништата. Синоќа ги направив прв пат ама наместо шеќер ставив сол, е тоа е, и на најдобрите им се случува, па затоа уште сабајлево замесив нови.

Иде вака, во сад пенасто се матат шеќерот и путерот, се додава ванилата и кората и сокот од портокал. Смесата се дели на две, во два посебни сада и во едниот се додава 130 гр брашно а во другиот 115 грама брашно и 15 грама какао. Се меси меко глатко тесто и се витка во стреч фолија. Се остава во фрижидер на еден час.

Од двете теста се развлекува кора, од белото малку подебела а од темното малку потенка. Се сечат ленти, секогаш двојно повеќе бели од црни, мене ми излегоа 6 бели со 3 црни, ленти со иста димензија, но различна дебелина. Од исечените ленти се преклопуваат дебели шнитови од кои ќе сечеме, оди бела лента, темна во средина и пак бела лента. Ми излегоа 3 вакви шнита. Шнитовите се отсекуваат на пола, отприлика на 1 см. Со оглед на тоа што од темното тесто ќе ви остане немојте да се сеќирате, од него ќе отсечете уште 3 ленти со ширина колку 3 ленти од кои направивте шнитови и дебелина исто колку и темните ленти. Сега повторно ги спојувате пресечените шнитови но во средина ги ставате темните ленти со кои ќе формирате шнитови од кои подоцна ќе отсекувате колачиња. Вака формираните шнитови ставете ги во фрижидер на уште најмалку еден час.

Од шнитовите со многу остар нож внимателно отсекуваме колачиња со дебелина по желба, моите се околу 1 см. Од темното тесто направете мали машнички и ставете ги врз колачињата.Наредете ги на хартија за печење и во рерна на 180 15тина минути додека не добие светлото тесто златеста боја.

Доколку ви остане од тестото, а ќе ви остане, немојте да се нервирате, слободно испечете уште некоја различна форма, јас исеков произволни форми и ги печам, ми остана повеќе од темното тесто па имам чоколадни бисквити, односно какао бисквити. И да не ве буни, јас направив и обратна варијанта, црно со бело, односно темни колачиња со бели машнички.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови