Погача Цвет (со урда)
Вкусна, мека погача која со својот декоративен изглед е идеална за празнична трпеза, лесно се прави и затоа топло ви ја препорачувам.
Подготовката е на следниот начин -
1. Прво го активираме квасецот со млако млеко, шеќер и една лажица од брашното.
2. Во сад за месење го ставаме просеаното брашно, додаваме сол, јајце, белка, стопениот и изладен маргарин и на крај стасаниот квасец.
3. Замесуваме меко и нелепливо тесто, кое го покриваме со стреч фолија, па го завиткуваме во чаршафче и го оставаме на топло околу 1 час да стаса (јас во рерната со запалена сијаличка)
4. Стасаното тесто (тежи околу 850гр) го делиме на вкупно 11 дела (5 поголеми од 85гр, 5 малку помали од 75гр и едно најмало од 50 гр).
5. Додека се формира погачата ги покриваме топчињата да не се сушат. Почнуваме со подготовката од петте најголеми топчиња, кои ги расукуваме во круг, ставаме урда, преклопуваме и со вилушка ги затвараме краевите (видете додатна слика). Истата постапка е и со помалаите 5 топчиња. Најмалото топче истотака го расукуваме во круг, ставаме урда, па го формираме како топче - тоа е за во средината.
6. Редењето на погачата е на следниот начин - во тавче број 24, намачкано со маргарин или врз хартија за печење, ги редиме најголемите 5 дела во круг - го ставаме првиот дел, малку врз неговиот крај се става вториот дел итн. Иста е постапката и со помалите 5 дела, а кругчето оди во средината.
7. Се покрива погачата, ја оставаме да стаса 30-на минути, па премачкуваме со жолчката и млекото, ставаме сусам на делот на споените краеви (со вилушка), а во средината врз топчето ставаме ленено семе. Ставаме и неколку парчиња маргарин насекаде.
8. Печеме во загреана рерна на 180 степени до заруменување. Испечената погача ја премачкуваме со маргарин.
На здравје!
Лиценца: Сите права се задржани