Пита со тиквички и праз
Го сакам овој период од годината кога ги има младите тиквички и ги сакам сите овие вкусни рецепти кои настануваат благодарение на нив. Таква е и оваа пита, вкусна и миризлива со крцкава коричка и сусам. Подготовката е следна
1. Во подлабок сад скршете ги јајцата. Изматете со жица за матење и додајте го маслото.
2. Во друг сад на страна промешајте го брашното со пецивото, и постепено додавајте ги во изматените јајца. Цело време мешајте за да добиете мазна и еднолична смеса без грутчиња.
3. Во меѓувреме изрендајте ја тиквичката. Посолете и оставете ја во цедалка од неа да се исцеди вишокот вода.
4. И кашкавалот изрендајте го, а празот исечкајте го на поситни парченца.
5. Во садот со јајцата додајте ја ренданата тиквичка ( убаво истегајте ја со раце од преостанатата вода), ренданиот кашкавал и празот. Промешајте ја смесата и истурете ја во тава за печење. Посипете сусам и толку питата е готова. Печете на 180 степени 20-25 мин и оставете ја уште 5 минути откако ќе ја исклучите рерната.
6. Испечената пита оставете ја да се излади. Сечете парчиња со големина по желба и послужете со малку павлака.
На здравје
Совет - Јас питата ја печев во тава за печење број 26 и не е многу висока. Мислам дека кога би печеле во помала тава ќе добиете повисоко ама поживкасто тесто ( заради присуството на кашкавал во него ), вака си е таман.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови