Пита со просо и штавељ (без глутен)
Ем здраво, ем вкусно, ем изненадувачки колку е добро. Едноставно прекрасно и лесно за јадење. Го направив со малку скепса, не знаев дали ќе испадни добро, дали убаво ќе се испечи, да не остани живо итн. Но, сите сомнежи паднаа на првиот залак. Питата е прекрасна и од тогаш наваму редовно е на моето мени. Ако немам нешто зелјесто, ја правам само со сирење, некогаш додавам и сланина, која дава прекрасен шмек и мирис.
Подготовка:
1. Сварете го просото. Потребни му се околу 15 минути за убаво да набабри. Исцедете го.
2. Во подлабок сад измешајте ги јајцата со јогуртот, додадете го растопениот путер, брашно, сол и пециво. Измешајте убаво и додадете го процеденото просо, кое треба да биде изладено, да не е жешко.
Во смесата додадете го сирењето и ситно сецканиот штавељ.
3. Истурете ја смесата во мало намастено тавче или обложено со хартија за печење. Одозогора наросете сусам или мешани семиња. Јас користев калап за пити, околу 20 цм дијаметар.
4. Печете на максимална температура околу 20 минути или додека питата не добие убава златеста боја.
Оставете да се подизлади, па послужете. Со јогуртче е за мерак.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови
Одличен ти е рецептот.
Кажи ми штавето на каков начин го чуваш до овој период?