Пекиншки равиоли
Егзотичен рецепт одамна не сум пратила .....
Кинеската кујна во мојата куќа е омилена, а кога ова јадење ќе го најавам, нетстрпливо се чека....
За подготовка на тестото треба Пау брашно кое досега не сум го нашла и користам екстра бело. Вкусот не се менува, ама не се готовите равиоли бели како снег како што треба да бидат. Ако го имате, употребете такво.
Во еден средно голем сад ставете го брашното и прелијте го со зовриената вода. Веднаш измешајте со вилушка целото брашно да се навлажни. Мерата е точна, не додавајте ни брашно, ни вода. Кога малку ќе олади, месете го со рака додека не стани сосема компактно и еластично, околу 5 мин. Завиткајте го во проѕирна фолија и нека стои на собна температура.
Кинеската зелка исечете ја на тенки резанки, ставете ја во еден сад, посолете ја со 2 лажички сол и оставете ја да отстои 5 - 10 мин. Исцедете ја многу, многу добро од течноста која ќе ја испушти.
Во еден поголем сад ставете го меленото месо кое ќе го раздробите. Додајте 1 лажичка сол, добро исцедената зелка и останатите состојки за полнежот. Со вилушка мешајте ја смесата постојано во еден правец додека не се претвори во компактна топка која се одвојува од страните на садот. Или, ако повеќе сакате, добро измесете со рака.
Тестото поделете го на 24 дела. Од секој расукајте многу тенка округла коричка. На секоја ставете по 1 голема лажица од филот. Потоа затворете ги во округла или долгнавеста форма набирајки ги краевите. Крајниот облик се гледа на сликите.
За да ги испржите на пареа ви треба поголема нелеплива тава или вок тава со капак. Јас секогаш ги пржам во два наврати.
На висока температура загрејте во тавата 2 лажици масло. Наредете половина од равиолите, додајте 1 лажица сусам и на средно силен оган пржете ги додека дното не се зарумени, тоа се неколку минути. За тоа време зовријте половина од водата. Кога се зарумениле равиолите одоздола прелијте ги со врелата вода и веднаш затворете ја тавата со капакот. Внимавајте на врелата пареа која притоа ќе се создаде. Варете на пареа на истата температура 7 - 8 минути или додека не испари целата вода. Извадете ги на чинијата за послужување, избришете ја тавата и целата постапка повторете ја со преостанатите 12 равиоли.
Послужете ги врели, со соја сос и слатко лут сос, или веке како вие сакате.
Можат и да се спремаат на пареа или да се пржат во длабоко масло, ама нас вака ни се најубави...
Младиот кромид може да се замени со еден помал страк праз, може наместо кинеска да ставите обична зелка, а оризовото вино да го замените со Мартини или слатко бело вино.
Ви препорачуваме овој рецепт да го подготвите со Тава за пржење
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови