Овој убав рецепт е од мојата драга пријателка.
Таа го подготвува само со телешко месо, но заради тоа што моите дома не сакаат само телешко, јас го изменив по своите потреби.
Една од битните работи за филот е да се стави колку месо толку кромид.
Кромидот го исецкав на сецкото, така да дојде многу ситно сецкано.
Го помешав со мешаното мелено месо, па го зачинив.
Им додадов топла вода и ја соединив убаво смесата.
Оставив да постои филот да си прими од солта и биберот.
Потоа го приготвував тестото.
Го замесив тестото во не многу меко, средно тесто и го поделив на две топчиња.
Тавата ја премачкав со масло, ги расплескав топчињата и ги превртев од двете страни убаво да се намачкаат од маслото на тавата. Ги оставив во неа, покриени со крпа да не фатат кора.
Така стојат додека го постилам чаршавот на кој ќе ја тегнам кората.
Земам едно топче, малку со сукалка го растегнувам. Потоа ја тегнам кората онолку колку што ќе успеам да ја истегнам.
Путерот и маслото ги растопувам на оган и  ја попрскувам кората насекаде.
Ги кинам ивиците каде не сум успеала добро да ја истегнам кората.
По краевите го редам меленото месо ( како на сликата подолу )
Потоа со чаршавот ја собирам кората во лента, ја виткам полека од сите страни, па како ја собирам така ја тегнам од средината,каде не сум успеала добро да ја истегнам.
Штом стасам до средината, ја кинам со прстот и тогаш ќе добијам долга лента.
Тавата ми е намрсена, ги редам топчињата од кората кои ги оформувам кинејќи ги со прс. Си бележам со прстот колку од прилика сакам да ми бидат топчињата и си кинам толкави парчиња.
Така подготвени топчиња ги редам рамномерно во тавата.
Кога е готово наредена,ги премачкувам повторно со растопената смеса и веднаш ги печам во загреана рернана 180 степени. Печам околу 30минутки, да порумени убаво и да се испече внатрешноста.
Не му ставив никаков прелив зашто децата не сакаа. Но сепак и вака приготвени беа превкусни. Послужете со кисело млеко или кајмак.
На здравје

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови