Одамна сакам да направам ваков паметен или магичен колач кој самиот додека се пече ги формира слоевите. Ја одбрав оваа едноставна и освежителна варијанта со лимон и баш да ви кажам ме воодушеви и со изгледот и со вкусот.

Подготовка
Најпрво ја вклучуваме рерната на 180 степени да ни се загрее. Ги двоиме жолчките од белките. Белките ги матиме со миксер да ни побелат и се направат како снег. Жолчките ги матиме со путерот, шеќерот, ванила екстрактот до соединување, па ја додаваме ренданата кора од лимон. Постепено ги додаваме брашното и млекото. На крајот ги додаваме белките кои ги соединуваме во смесата со жолчки со помош на шпатула. Во намрсено тавче со димензии 27х27 см или на пекарска хартија ја истураме целата смеса и печеме од 60 до 80 минути. Го вадиме тавчето од рерна и не го сечеме колачот додека да се излади. Откако ќе се излади го сечеме, декорираме и сервираме.
Забелешка
Пред да го започнеме со подготовка путерот треба да ни е на собна температура, веќе омекнат. Белките може да ги изматите откако ќе ги соедините сите состојки во жолчките, оставам на вас да се организирате, мене ми беше ’се измерено изрендано, па затоа прво ги изматив нив.