Како што кажав кај рецептот на Ике, копарот за мене е многу јак зачин/тревка и не го сакам секаде, но овде така совршено се вклопува со состојките, што вкупниот резултат е навистина задоволувачки. Спремањето е инстантно, чекањето е малку подолго, но финалето е мераклиско. Така да, додека сварите кафе, спремете ја оваа летна маринирана салатичка, оставете ја и за некој час кога ќе ги завршите другите обврски, седнете си со добро друштвенце и убаво омезете се.

Лукот, ситно исецкајте го. Ако користите свеж копар, исецкајте или искинете го и него. Да напоменам само дека јас правев со сушен и дека мерката за свеж ви ја наложив по претпоставка, но соодносот на додатоците секако дека можи да си ги ставате спрема желбата и вкусот. Овие нека ви служат само како првични/репер мерки.

Краставиците убаво измијте ги и отсечете им ги краевите. Потоа, исечете ги на некои 3 прста по должина. Ако користите корнишони, оставете ги цели. Со вилушка избоцкајте ги.

Земете 2 кеси за замрзнување или некоја поголема, а цврста што ќе ги собери сите. Додадете ја солта, мирудијата/копарот и ситно сецканиот лук. Убаво протресете и оставете на собна температура околу 4 часа да маринираат.

Потоа малку изладете ги во фрижидер или пак ако е поладно времето веднаш навалете.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани