Колач со 1 јаболко (без миксер)
Ќе уживате во прекрасниот мирис кој се шири додека го подготвувате овој колач, а верувам дека ќе уживате уште повеќе во неговиот вкус со добро друштво. Подготовката е едноставна, брза и без употреба на миксер.
Подготовка
1. Во длабок сад ги матиме со рачна маталка јајцата заедно со шеќерот и ванилата. Ги додаваме течните состојки - млекото, јогуртот и маслото, соединуваме со рачната маталка.
2. Јаболкото го миеме, лупиме и рендаме (на крупната страна од рендето). Додаваме 1 г.л. шеќер, цимет по вкус и ореви (сецкани) - соединуваме.
3. Во смесата за колачот го додаваме постепено брашното (претходно соединето со пецивото) и мешаме со рачната маталка до хомогенизирање, да нема грутчиња од брашното.
4. Во садот во кој што ќе печеме (намрсен и набрашнет) ставаме пола од смесата за пандишпан, па ја распоредуваме рамномерно смесата со јаболко, па врз неа ја додаваме и останатата половина од смесата за пандишпан.
5. Печеме во загреана рерна на 180 степени (проверуваме со чачкалица). Печениот колач откако ќе излади, го наросуваме со шеќер во прав и сечеме на парчиња.
Забелешка - Садот во кој што јас го печев колачот е со димензии околу 20цм х 10цм, но може да се пече и во тавче број 24 или во куглоф - по желба.
На здравје!
Лиценца: Сите права се задржани