Измешајте ги сите брашна. Квасецот ставете го да стаса во 300 мл млака вода и 1 лажичка шеќер. Истерете го стасаниот квасец во брашната, посолете, додадете ги 5те лажици масло и постепено додавајте млака вода (уште околу 200 мл) додека не замесете меко не лепливо тесто. Оставете го малку да одмори и поделете го на две топки од кои едната треба да е поголема.
Рассукајте ја првата топка тесто на што потанко и измачкајте ја со половина од маргаринот, кој е препорачливо претходно да го оставите да омекне на собна температура. Вака премачканата кора свиткајте ја како ролат од двете страни а потоа од соседните страни преклопете ја во вид на плико. Истата постапка повторете ја и со другата топка тетсо. Вака подготвените теста извиткајте ги во фолија и ставете ги во замрзнувач да одстојат околу 30 минути. Изладените теста извадете ги.
Поголемото тесто рассукајте го со сукало во правоаголна форма и ставете го во подмачкан со маргарин плех, така што ќе излегува од рабовите на плехот поголемиот остатаок исечете го и од тестото формирајте плетенка. Другиот дел од тестото исто рассукајте го.

Филот подгответе го од исечена малку обарена блитва која ќе ја исечете и ке ја измешате со издробеното сирење и изматените јајца. Вака подготвениот фил нанесете го врз првата кора. Втората расукана кора ставете ја врз филот и нежно изгужвајте ја. Со вишокот од долната кора затворете ги сите краеви на зелникот и врз нив ставете ја плетенката од тесто. Убаво распоредете ја а со виљушка избоцкајте ја горната кора. Вака подготвениот зелник ставете го да се пече во претходно убаво загреана рерна на 220 степени околу 30тина минути додека убаво не порумени од горната и долната страна. Оставете го малку покриен да одстои за да омекне. Исечете го кога малку ќе се олади. Послужете го по желба со јогурт, кефир.... Добар апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови