Здрави сникерс штангли (без шеќер и без печење)
Брзи за подготовка и пред се здрави и превкусни. Најпрво во сецко, сомелете ги муслите. Јас користев сирови мусли со суво овошје. Сомелете ги многу ситно, се додека не дојдат како брашно. Во сад на тивок оган, ставете ги чоколадото, путерот, медот и кокосовото масло да се растопат. Откако смесата ќе се соедини, тргнете ја од оган и во неа додавајте од муслите. Бидејќи може да има голема разлика во муслите и нивното впивање на течноста, додавајте лажица по лажица и постојано мешајте. Треба да се добие еднолична смеса, која се дели од садот во кој мешате и се прави како топка. Оставете пет до десет минути, за смесата да се излади малку, па распоредете ја во четвртасто тавче (моето беше со димензии 20цм на 15). Потоа, тавчето ставете го во замрзнувач, за смесата да се стегне и да се излади. За тоа време, пригответе го преливот од кикиритки. Во сад на оган, ставете ги путерот, путерот од кикиритки, маслото од кокос и медот. Мешајте се додека смесата не се соедини и не започне да врие. Откако ќе почне да врие, додајте ја ванилата и сецканите кикиритки. Смесата ќе се згусни и ќе изгледа како карамел. Оваа смеса, истурете ја врз темната смеа од мусли. Оставете, повторно се да се излади добро во замрзнувач. Потребно е околу половина час. Потоа, чоколадото, растопете го со путерот и прелијте го колачот со глазура. Повторно вратете го тавчето во замрзнувач и оставете, комплетно да се излади. Откако ќе се стегне, за сечење на штанглите, оставете го колачот да постои на собна температура, па исечете правоаголни парчиња. На здравје