Во потрага по вкусна салца на интернет, наидов на овој рецепт. Лесна и брза за подготовка, а и вкусот и е не заменлив. Може да се употреби за се- почнувајќи од гулаш, чорби, пица, тестенини, па се до вкусно макало за некое мезе...
Мојата доза беше пробна, па можеби ви изгледа како и многу мала количина.

Постапката отприлика оди вака:
Се сецкаат доматите, кромидот, морковот, пиперката и лукчето на парчиња и се ставаат во тенџере, па на оган на средна температура да зовријат. Од време на време ќе ги проверувате. Смесата е готова, тогаш кога морковите ќе бидат многу омекнати, а доматите си го испуштиле сокот, па цела смеса има една убава црвена боја.
Наредно, оваа смеса се поминува низ преса за да се отстранат лушпите и семките.
Откако сте завршиле со оваа постапка, повторно ја враќате салцата на оган да зоврие, а во меѓувреме и ги додавате прво шеќерот, потоа солта, оцетот, па маслото за јадење и на крај останатите зачини.
Кога ќе почне да врие во салцата се додава и разматениот густин, па се остава да се згусни. Се трга од оган и жешка се збира во шишиња или тегли, за да може веднаш да се вакумира. Во мојот случај јас ја собирав во тегли и отприлика од оваа количина добив, две големи тегли салца.

Забелешка
- Солта ја ставив по вкус, затоа не напишав точна количина. Исто така не претерувајте и со оцетот, додавајте го постепено се додека не добиете киселкаст вкус. Мојот оцет беше јаболков, но може да додате и обичен или пак вински. Овде јас набрзинка ја послужив салцата со чипс, но ви ветувам идни рецепти, во кои ќе ја искористам на неколку начини. Доколку сакате поголема доза од салцата, значи зголемувате се. Морковот и дава посебен вкус, а посебно се приметува откако ќе отстои. Секогаш во комбинација со домати практикувам босилек, бидејќи ми доаѓа некако како супер зачин за со домати, но исто и со босилекот (заради интензивен мирис, а и заради тоа што ставате внатре и други зачини) не треба да се претерува.

На здравје мезе!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови