Меки, мирисни путер кифлички, преубави на изглед, превкусни за јадење. Кога и да ги направам за некоја прилика, ги снемува први од софрата, а комплиментите од дегустаторите кои го бараат рецептот, се доволен доказ дека вредат да се пробаат, па затоа топло ви ги препорачувам и на вам.

Подготовка
1. Во помал сад го ставаме млекото, квасецот, шеќерот и 2 г.л. од вкупната количина на брашно. Мешаме да се раствори квасецот и го оставаме да се активира.
2. Потоа, во длабок сад ги ставаме стасаниот квасец, белките, поголемиот дел од брашното (претходно соединето со солта) и путерот исецкан на помали парчиња. Замесуваме меко, глатко, нелепливо тесто, кое го доработуваме на работната маса, со додавање на останатиот дел од брашното. Го покриваме садот со чаршаф, па го ставаме во ќесе, и го оставаме на топло место да стаса.
3. Стасаното тесто го делиме на 12 исти топчиња (од по 80 гр). Од секое топче расукуваме, врз набрашнета работна маса, коричка (со дијаметар од 15 цм). Потоа следи оформувањето, кое најлесно ќе го објаснам преку додатните слики. Превиткуваме малку од горната и од долната страна, па потоа од левата и од десната страна. Овака превиткано делчето, го свртуваме од долната страна да дојде горе, во средишниот дел ставаме сирење, па ги спојуваме спротивните ќошиња едно со друго, и од страните исто така, за да не испадне сирењето. Сега пак го вртиме овака формираното тесто. Постапката е иста со останатите 11 топчиња.
4. Формираните кифлички ги редиме во плех, врз хартија за печење. Ги покриваме и ги оставаме да стасаат. Стасаните кифлички ги премачкуваме со жолчките (плус млеко), во средината ставаме по 1 маслинка, а на ќошињата ставаме сусам (јас ставив мешан - бел и црн).
5. Печеме во загреана рерна на 210 степени до заруменување (јас печев околу 30 минути). Испечените кифлички ги покриваме со чаршафче, да здивнат 5-10 минути, па уживаме во нивниот вкус.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани