Ех, која приказна стои зад овој мој мешан сув зачин.. Почнав летово да сушам зеленчуци за домашен сув зачин, но се попишманив! Кромидот се сушеше многу долго, пашканат не можев да најдам дента кога одлучив да го спремам и така си останав само со тегла сушен морков и тегла сушен кромид... Си реков, ние мешан сув зачин не користиме со години заради сите глупости кои ги содржи, што ќе ми е сега кога и онака во секое јадење си ставаме свеж морков и кромид, понекогаш и пашканат...
Но, сопругот никогаш не ја преболе ''вегетата'' и знае повремено да си купи кесичка и да си става одозгора врз јадењето, па си ветив дека догодина ќе се потрудам да му направам оти оваа година многу напорно ми дојде спремањето зимници.
Ама ако другар(ка) не те зезне - нема кој! Другарка ми Марија, исто како и маж ми, ужива во вкусот на мешаниот сув зачин. Се договорила со една наша пријателка, која е една од најкреативните готвачки на жива и веганска храна, Вале, да и направи. Кога ја помирисав се заљубив од прва! Никогаш во живот не сум сакала мирис на целер, дури можам да речам и дека ми пречи, но во мешан сув зачин тој мирис и вкус беше фантастичен! Па така, си дадов задача - ќе ја направам да го израдувам либето!
Вале ми кажа дека добила само 1/12 од тежината со која почнала, а јас како многу рационална домаќинка почнав да мозгам како да добијам повеќе. Со рендеање или блендирање останува целата течност на зеленчукот, можев малку да исцедам пред сушење но тоа не ми се виде како праткично па ми светна - ќе ги исцедам зеленчуците во соковник, ем пулпата е посува, ем ќе си пиеме сок!
Целерот и пашканатот беа третирани, па ги оставив да отстојат во вода со малку сода и оцет. Сите состојки убаво ги измив и исецкав на парчиња соодветни за отворот на соковникот.
Во делот за пулпа ставив кесичка за замрзнување, ги исцедив морковот, пашканатот и целерот, сокот го ставив во шише, а пулпата во пластичен сад. Потоа посебно исцедив јабоки (околу 2кг) и три лимона, ги додадов во сокот и добив околу 3 литра сок. Пулпата од јаболките ја смрзнав за штрудла! Убаво го измив соковникот и потоа ги исцедив кромидот и магдоносот. Се фрапирав колку течност излезе од кромидот и да не ме мачеше главобока од мирисот на целерот можеби течноста ќе за замрзнев во ќесички за мраз па да ја користам во чорби, хаха! Дури тогаш ќе можев да конкурирам за награда најштедлива домаќинка на годината!
На крај, сите состојки убаво ги измешав и ги наредив на хартија за печење во дехидратор. Доколку немате дехидратор можете истото да го направите во рерна на 50 степени. Сушењето траеше нешто повеќе од 24 часа! Во меѓувреме неколкупати смесата ја превртував и распределував за побрзо да се исуши.
Пулпата тежеше околу 2 кг и 300 гр, а на крајот добив 260 гр сосема сува смеса! Ја ставив во блендер и ја сомлев. Потоа на најситно ја сомлев и хималајската сол па ја соединив со зеленчуците. Во првобитнит рецепт имаше многу повеќе сол, но ние не јадеме многу солена храна па ова ни е доволно. Излезе една голема и една мала тегла.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови