Готов вкусен крем за 5 мин. без садови за матење, тенџериња и миксери за миење. Најлесниот крем што до сега го имам приготвувано, а и многу вкусен. Бев изненадена од крајниот ефект.

Сите суви состојки ставете ги во поголема чинија, убаво измешајте ги и додадете 2 лажици вода на среднината. Мешајте постојано и брзо.
Доколку не користите ванила екстракт (течност), додавајте по малку вода (1-2 мали лажичиња) додека да ја добиете потребната густина.
Толку.
Користете го за крофни, палачинки, на лепче или ако го направите малку потечно како прелив за колачи, торти и сладоледи.

Доколку го мелете шеќерот во прав сами, измелете го пофино. Шеќерот не се раствора во смесата, па ќе крцка малку. Ова е грешката што ја направив првиот пат, но на ѕверовиве по дома не им пречеше воопшто. Истото важи и за ванилиниот шеќер. Или измелете го фино или обидете се да го растворите во водата пред да ја додадете во смесата.

Го имам правено неколку пати овој крем. Првиот пат додадов цимет, каранфилче и малку чили, вториот пат го правев со зрна сурово какао и ова е трет пат. Кога го мелев какаото во машинка за кафе, додадов и шеќер да се мелат заедно. Какаото е масно, па со подолго мелење се затестува на дното од садот за мелење. Мелено заедно со шеќерот, даде совршено фина структура.

Основата е таа, шеќер во прав, какао и вода (или млеко), густината одредете ја сами. Доколку ви испадне потечно, слободно додадете шеќер во прав, но додавајте во мали количини, убаво измешајте и одлучете дали е потребно уште.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани