Тестово за пита не треба да стасува, само го месите и филувате, па додека да се загрее рерната, тоа ќе му биде процес на стасување. Оваа пита која е едноставна за подготовка, мислам дека може да им биде предизвик и на младите домаќинки. А пак со фил по желба можете да ги изненадите вашите најблиски, а во тоа да не вложите некој посебен труд и време.

Подготовка
1. Квасецот заедно со шеќерот ги ставаме во малку млако млеко.
2. Во друг сад ги соединуваме брашното, солта и пецивото.
3. Додаваме кисела павлака, масло и замесуваме средно меко тесто со млакото млеко.
4. Убаво го замесуваме, па го расукуваме да биде пошироко од тавчето бр.26 во кое ќе го печеме.
5. Го ставаме кругот во тавчето и од околу редиме парчиња кашкавал, по неколку капки кечап и наросуваме оригано.
6. Страниците од тесто ги подвиткуваме со тоа што кашкавалот убаво да ни дојде внатре и да нема можност да се разлее надвор од тестото при печење.
7. На дното од тестото размачкуваме малку кечап, ја распоредуваме урдата и врз неа ги редиме парчињата сланина. Врз сето тоа рендаме кашкавал, јас нарендав и малку пармезан и наросуваме оригано.
8. Ја вклучуваме рерната да ни загрее на 180 степени.
9. Откако ќе се испече краевите ги премачкуваме со масло.

Забелешка
Со млекото го замесуваме тестото, постепено додавајте го, зависи од неговата влажност како и од влажноста на павлаката дали ќе треба повеќе или помалку.