Овој рецепт е на мојата ФБ пријателка Габриела од Бугарија, која има свој блог со рецепти (како не можам да го напишам во оригинал на јазикот, на македонски би дошло во превод „ Омилената ми зелена кујна“) и од која специјално добив дозвола да го споделам и овде со сите вас, сметајќи дека ваков сличен рецепт тука до сега се уште не се напишал. Па, можеби ќе ви се види интересно да го пробате и вие како мене, со или без моите предлози за измени, или пак по ваш сопствен терк.

Започнете од вечерта... Измешајте ги сувите состојки. Направете вдлабнатина и во неа ставете ја павлаката, јајцата и растворениот квасец со водата. Замесете тесто со постепено додавање на маслото. Се добива многу меко тесто.

Покријте го садот со тестото и оставете го на собна температура половина час, а потоа покриен оставете го во фрижидер преку ноќ.

Утрото започнува пржењето. Од тестото се зема парче колку големина на орев, се расплескува, во средината се става парче кашкавал или ако сакате сирење (и додека пишувам всушност размислувам како добро би одело и со додаток на спанаќ, или било кој фил како поширока опција...), нежно се затвора тестото во блага овална форма и одозгора се обвиткува со тенок лист сланина (Овде е користен чаден врат). Габриела вели дека сланината се зацврстува со чечкалица, но како тестото е многу меко јас немав потреба од тоа, едноставно само си се лепеше и веднаш штом ги ставев на пржење си се фиксираше сланината.

Така спремени, се пржат во масло (во садот да има барем околу 2 прста масло во длабина) и се одложуваат врз хартиена салвета за да се впие вишокот мрсно .

Убави се и топли и ладни.

Во оригиналниот рецепт, требаше 250 мл масло. Но, и со оваа количина се доволно мрснички.
Размислувам следен пат да пробам наместо 220 мл масло, да ставам 150, а останатите 70 мл да ги заменам со вода. Можеби ќе дојдат помалку мрсни, а сепак вака воздушести и специфични на состав какви што се.
Заклучокот е дека сите се изедоа и тоа со сласт, иако малку мрснички ни едно не остана. Многу ни се допаднаа, па решив да ги споделам и овде вака како ги пробав првично со минимални отстапки од оригиналот и со намера дека уште често ќе ги јадиме и тоа со експериментирање на идеите кои на крај ги напишав. Сепак, некој сака можеби и помрсничко ; )

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови