Бамбино торта (без печење)
Начин на подготовка
1. Започнете со подготовка на бисквитната основа. Во сад на тивок оган оставете да се растопат шеќерот со водата, темното чоколадо и путерот. Во меѓувреме во подлабок сад искршете ги бисквитите на покрупни парчиња. Прелијте ги со растопениот шербет. Промешајте убаво да се изедначат и ставете ги во калап за торта на кој се отстранува обрачот. (Доколку немате таков обложете некоја округла тава со најлонска фолија и натапкајте ја бисквитната основа). Мојот калап е со големина 24 см. но и во 26-ка тортата би била идеално висока. Оставете во фрижидер убаво да се излади.
2. За подготовка на филовите, најпрво ставете во подлабок сад на оган околу 800мл млеко. Оставете да проврие. Во остатокот од млекото, растворете ги пудинзите, брашното и шеќерот. Убаво измешајте да нема грутчиња и истурете ја оваа смеса во садот со провриеното млеко. Варете го пудингот на умерена температура додека да се згусти.
3. Сварениот пудинг поделете го во два различни сада. Во едниот додајте го млечното чоколадо, а во другиот сад белото чоколадо. Промешајте, за да се стопат чоколадите и покријте ги со најлонска фолија убаво да се изладат.
4. Откако пудинзите ќе се изладат, во садот со пудинг и млечно чоколадо додајте путер кој претходно стоел на собна температира и со миксер убаво изедначете го кремот.
5. Во друг сад изматете ја слатката павлака и додајте ја во садот со изладен пудинг со бело чоколадо. Со миксер и тука убаво изедначете го кремот.
5. Врз бисквитната основа прво нанесете го млечниот/темен крем, а врз него белиот крем. Оставете ја тортата во фрижидер убаво да се излади и стегне пред да ја послужите.
На здравје
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови