Мојот рецепт за традиционалното бадниково лепче со паричка.
Квасецот растворете го во малку млака вода и додадете по една лажичка шеќер и брашно па оставете го да стаса.
Во длабок сад ставете го брашното, додадете шеќер и сол, ставете го и маслото па додадете го стасаниот квасец. Постепено додавајќи од водата замесете меко тесто кое нема да се лепи за рацете. Оставете да стаса околу 45 мин. Потоа премесете го и повторно оставете да стаса.
Откако по вторпат ќе стаса, премесете го и поделете го на 4 топчиња од кои 3 поголеми и едно топче помало. Земете едно поголемо топче и расукајте го во округла кора со пречник од 24см. Ставете го на хартија за печење и во средината премачкајте го со малку маслиново масло. Од другото поголемо топче расукајте исто таква кора и исечете ја на 12 триаголници кои ќе ги наредите врз првата кора. Краевите од триаголниците премачкајте ги со маслиново масло. Истото направете го и со третото поголемо топче. Четвртото мало топче служи за во средина од лепчето и во него се става паричката.
Земете го врвот од еден триаголник и повлечете го десно нанадвор кон вас. Триаголникот под него извлечете го налево нанадвор. И така со сите триаголници. Во средина ставете го малото топче, па заедно со хартијата ставете во округло тавче со пречник од 24см. Покријте со крпа и оставете да стаса. Премачкајте со маслиново масло и ставете да се пече 30-40 мин. на 200° во претходно загреана рерна. По желба украсете одозгора со фигури од тесто.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани