Ајвар во пекач за леб
Ден или два од кога си направивме ајвар (нормално, на ќумбе во двор), во една група на фејсбук прочитав рецепт и не можев да им поверувам на очите! Ајвар во пекач за леб! И подосаѓав со прашања на жената која го постави рецептот, прво што не ми беше верно, а после што рецептот беше со црвени домати, а ние ајвар правиме или само со пиперки или со додаток на модри домати. На крај се одлучив да си правам по мое, исто како што си пржиме на ќумбе, само ја следев постапката и нормално на крајот и тоа го модифицирав оти правев три тури па со секоја наредна си менував по нешто. Пробав една тура со блендирани модри домати и пиперки, една со мелени и една само со пиперки (6 кг) и победи комбинацијата мелени пиперки и модри домати.
Ви го претставувам мојот идеален ајвар од пекач!
1. Испечете ги пиперките и модрите домати.
2. Оставете ги да се оладат и потоа излупете ги. Ние секогаш ги оставаме преку ноќ или барем неколку часа во пластични решетки да се исцедат добро. Со оглед на тоа дека оваа година беше врнежлива, зеленчуците се преполни со вода и без цедење процесот е многу покомплициран.
3. Исцедените состојки одат на мелење.
4. Во пекачот ставете го маслото, а потоа модрите домати и пиперките и изберете програма за џем. Ајварот врате го вкупно три пати на истата програма.
5. Пред крајот на последниот циклус додате ги оцетот, шеќерот и солта и промешајте со дрвена лажица. Како се полнат тегли- знаете, а како се празнат- е тоа можам да ви помогнам!
Очекувајте да наполните околу 3 тегли.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови
Ke go probam ajvarov stom ke mozam, pa sleduvaat impresii :))