Пред да почнам со подготовката да кажам дека од оваа количина излегуваат околу 25 мини чизкејкс. Многу се убави, вкусни, кремасти и лесни се за правење.

ПОДЛОГА
1. Бисквитите и колачињата ги дробиме во сецко или ставете ги во најлонска ќеса и издробете ги со некој сад, целта е да добиеме трошки. (слика)
Обично за подлога се ставаат само бисквити, ама од колачињата добиваат посебен вкус и постојано ги додавам.
2. Во садот со бисквитите го додаваме какаото и го додаваме растопениот маргарин и мешаме прво со лажица, а потоа смесата убаво ја месиме со рака.
3. Во калапите за мафини ставаме по една полна голема лажица од смесата и убаво стегаме со прстите да се израмни и стегне подлогата. Калапите ги ставаме во фрижидер и продолжуваме со подготовка на филот.(слика)

ФИЛ
1. Крем сирењето, шеќерот и млекото ги матиме со миксер.
2. Шлаг кремот го матиме со миксер во посебен сад и потоа го додаваме кај крем сирењето (или обратно) и убаво матиме со миксер да добиеме хомогена смеса.
3. Филот го ставаме во готварски шприц и ги полниме калапите за мафини.
НАПОМЕНА
Треба убаво да ги наполните насекаде, да биде збиено, густо за да не бидат колачињата со дупки од страна. Ги враќаме во фрижидер.

ПРЕЛИВ
1. Ананасот од конзервата го цедиме и течноста ја ставаме во сад на тивок оган и го додаваме желатинот. Желатинот нема потреба претходно да го растварате. Само додадете го во садот и мешајте додека не се растопи, но пазете да не зоврие.
2. Парчињата ананас ги ставаме над филот и од горе ставаме по една лажица одприлика од преливот.

НАПОМЕНА
Јас калапите ги наполнав скроз до горе со филот, не оставав место за преливот и кога одгоре ќе ги ставите парченцата ананас преливот ќе се здрви околу нив. Ако сакате може да оставите одприлика околу 2 мм од калапчињата ако мислите дека ќе претече преливот.
Доколку ви се многу 25 парчиња или немате доволно калапи за толку, преполовете ги состојките и ќе добиете околу 12тина.
Јас додека ги правев кој стигна касна од подлогата, си лапнаа по некое парче ананас, па и по некој финџал си наполнаа од филот и на крај ми излегоа 21 парче и затоа мислам дека околу 25 ќе испаднат.

Најдобро е да седат во фрижидер преку ноќ и наредниот ден да ги пробате за да може подлогата убаво да се стврдне и лесно да ги извадите од калапите. Пред да ги ваѓате, поминете со тап нож околу страните да ги разлабавите малку и потоа извадете ги.
Ви ги препорачувам на сите што сакате кремасти десерти, сигурна сум од прва ќе ве освојат.
На здравје !

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови