Ова е едно одлично мезе што јас случајно го видов како се подготвува додека една другарка работеше во една таверна во Прилеп, па решив да го споделам зошто супер би одговарало зимава со греано винце и домашно лепче. За добро топено сирење потребна е само добра температура на печење и добро одбрани сирења.

Најпрво релната се уклучува на најсилна температура (кај мене е 300 степени) и додека се загрева се почнува со редење на сирењето. Најдобро е кога се топи во земјен сад, јас го правев во поголема земјена тава а може и во малечки за секого поединечно. Најдолу се става фета сирењето. Со виљушка убаво се распределува по целото дно на тавата. Врз него се става 5 лажици благо млеко и 5 лажици доматно пире (или домашна салца, домата). Над нив се реди сланината претходно исечена на коцки и пропржена на малку масло. И врз неа доаѓа рендан кашкавал. Убаво е кашкавалот да е ајдамер или по ваш избор мешани млечни кашкавали. Врз кашкавалот се посолува букова сол и се става на печење. Се пече 15-тина мин и потоа јас уклучувам опција на релната печење со вентилатор и печам уште 5 мин за да се добие златно жолта коричка. Се служи топло со варено вино, топло лепче или фурнаринки...На здравје

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови