Воодушевена сум од мекоста и убавината на ова тесто. Многу е слично со тестото за бриош. Уште подобро е што може да се прави во солена, но и во слатка варијанта. Одлуката ми беше прво да направам солено, па затоа наместо една ставив две лажички сол, а во средината изрендав сирење. Многу брзо ќе го пробам и во слатка варијанта, па ќе ставам или некој чоко крем или пак мармалад.

Подготовка:

1. Квасецот растопете го заедно со шеќерот во топлото млеко. Додајте ја водата и маслото, промешајте, па додајте ги и белките. Ставете две лажички сол и постепено додавајте од брашното, мешајќи.
2. Кога ќе го ставите целото брашно почнете со месење. Месете го неколку минути. Тестото ќе биде лепливо, но не додавајте повеќе брашно. После неколку минути излијте ги двете лажици масло одозгора и продолжете уште кратко со месење. Покријте го со крпа и оставете го на еден час, да се дуплира.
3. Кратко премесете го и поделете го на 10 топчиња. Секое топче тесто, со рака или со сукало, растегнете го и премачкајте го со путер и наросете го со рендано сирење. Завиткајте го во ролат. Истата постапка направете ја и со другото тесто.
4. Тавата во која ќе го печете премачкајте ја со маргарин. Сега, секое ролатче завиткајте го од двете страни во спротивен правец, како кога цедите алишта. Наредете ги во тавата. Вклучете ја рерната на 180 степени да се загрее. За тоа време ролатчињата ќе скиснат. Пред печење премачкајте ги со жолчките, во кои ќе ставите една лажица масло.
5. Печете отприлика половина час, а ако е потребно пред крајот покријте ги со фолија, за да не изгорат пред да се испечат, убаво да заруменат.

Нека ви е на здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови