Сладолед торта со праски
Конечно времево малку се затопли, па да се засладиме и со една леден торта, која ја спремив за убав повод - годишнина од брак, па во знакот на љубовта ја декорирав и тортата =)
Подготовка на подлогата
Најпрво шеќерот во прав се мати заедно со путерот кој е на собна температура, па се додаваат другите состојки и се замесува убаво да се изедначи смесата. Од една третина се расукува тенка кора (меѓу два листа хартија за печење) и се сечи едно парче за подлога во големина на плехот во која ќе ја редите тортата.
Другиот дел од смесата ќе го искористиме за обложување на дното и за формирање на среднишниот дел, кој може да го направите наједноставно како салама во должина на плехчето, а јас бидејќи поводот беше годишнина од брак, се потрудив да го направам во форма на срце.
Редење на тортата
Плехот (со големина 30цмх11цм) го обложуваме со најлонска фолија, и на дното ставаме од смесата. Го оставаме малку да се стегне, па истураме од сладоледот (околу 1/3 од вкупната количина), во кој сме ги додале праските (излупени и исецкани на парчиња). Ставаме во замрзнувач, да се стегне убаво сладоледот.
Врз сладоледот, ја ставаме саламата(срцето) која ја формиравме од бисквитното тесто, па повторно истураме сладолед, да се пополни плехчето речиси до горе. Ставаме во замрзнувач да се стегне и овој сладолед.
На крај, ја ставаме последната кора од бисквитното тесто, притиснуваме убаво да се залепи, да не останат празнини, и пак враќаме во замрзнувач.
Тортата ја превртуваме врз чинија, и сечеме парчиња.
Уживајте во ова ледено освежување!