Подготовка
Оваа торта беше љубов на прв поглед! Само што го видов рецептов и веднаш се решив да ја подготвам! Многу е лесна, кремаста, декоративна и најважно од се е што е вистинско ледено уживање!

1. Прво почнуваме со обландите. Ги сечеме соодветно за калапот за торта. Односно едната обланда ја сечеме како круг, малце помал од долната површина на калапот, а остатокот го сечеме на правоаголници, големи колку висината на страниците на калапот за торта.
2. Го подготвуваме преливот за обланди, едноставно со топење на чоколадото, во комбинација со другите состојки и треба да се добие течен прелив. Потоа ги премачкуваме обландите, прво долната округла, а потоа и страничните. Ги редиме го круг и оставаме малце во фрижидер, да се стегне чоколадниот прелив.
За тоа време се подготвуваат сладолед филовите.
3. Чоколадниот шлаг крем се мати со кондензирано млеко, додека да се добие убав густ крем. Кон него се додава и шеќерот во прав.
*Мојот шеќер во прав беше комбинација од ванилин и обичен шеќер.
4. Чоколадото го топиме на пареа и го оставаме малце да се излади, за да не е премногу топло кога ќе се стави во кремот.
5. Во тенок слој се става растопеното чоколадо и со постојано матење се врзува со кремот.
6. Чоколадиот сладолед се прелева низ наредените чоколадни корнети и се става во замрзнувач да се стегне.
7. Потоа се подготвува страчатела сладоледот. Прво изматете ја слатката павлака со неколку капки лимон и шеќер во прав.
8. Во друг сад изматете го шлаг кремот со кондензираното млеко и во него додадете екстракт од ванила и путер.
9. На крај спојте ги шлаг кремот и слатката павлака и убаво врзете ги состојките со матење.
10. Кон кремот додадете рендано чоколадо, убаво измешајте и страчетела сладоледот разлејте го врз чоколадниот сладолед. Убаво израмнете и наросете со уште 50 гр рендано чоколадо и оставете во замрзнувач убаво да се излади сладоледот, мин. 5 часа.

*Според оригиналниот рецепт, обландата се става во влажна крпа за да омекне и потоа се сече долга лента и се става околу обрачот на калапот за торта. Јас намерно ги исеков како правоаголници, за да ми служат како ознака за сечење на парчињата, но и за полесно вадење на парчињата торта.
*Според оригиналниот рецепт имаше и три слоја на сладолед, чоколаден, страчатела и ванила, но јас ја направив во два. Вие ако сакате може да направите уште еден како белиот фил, и да додадете повеќе арома ванила, за да е трослоен.