Ризи бизи со кари и зеленчук
Голем љубител сум на ориз и го сакам во секаква варијанта. Подготовката на ризи бизи се разликува од други видови на варен ориз. Мислам дека на сајтов не успеав да пронајдам ваков начин на подготовка на варен ориз, па сакав да ја споделам идејата. Повторно, нешто што го научив од мајка ми. Тука ја претставувам основната варијанта на ризи бизи, а ќе напоменам и какви се комбинации може да се прават.
Користам свеж, евентуално замрзнат морков и грашок, никако од конзерва. Зеленчукот се вари. Кромидот се сецка и на тивок оган се пропржува (да омекне). Се додава зеленчукот и тој малку да се пропржи. На крај се додава оризот. Ја додавате водата, магдоносот и зачините. Чекате да зоврие. Ја намалувате јачината на ринглата на тивко. Тенџерето го затворате и оставате така да врие 7 до 8 минути. Потоа набрзина промешувате, го тргате тенџерето од ринглата, го затворате капакот и оставате да отстои најмалку 30 минути.
Вуала! Прилогот за ручек е готов. Но, може да Ви биде и главно посно јадење.
Мајка ми не е љубител на кари, па во нејзиниот основен рецепт има малку црн мелен пипер, наместо карито. Може да ставите и варена пченка. Исто така, постои и варијанта на непосно ризи бизи со варено пилешко месо и печурки (следи во некоја друга прилика).
Лиценца: Сите права се задржани