Пропеќ
На менито повторно бабин рецепт. Не толку добар како нејзината мајсторија, но се подобрува секој нареден пат. Баба ми е по потекло од Србија, па овој рецепт го памти и од нејзиното детство. Кај нас не сум забележала до сега некој друг да го подготвува. Пита на поинаков начин, би рекле.
Пред да почнам со подготовка да кажам дека од оваа количина на тесто ми излегоа 2 помали пити (во тавче бр. 24 и 26), па така количината прилагодете ја на вашата тава.
1. Од состојките за тестото (освен маргаринот) замесете меко, мааалку лепливо тесо и оставете го да одмори 10тина минути. За да биде ептен автентичен треба да се подготви со маст и зејтин, но во моментот немав па подготвував со маргарин.
2. Тестото размесете го на работната површина и разделете го на колку можете повеќе топчиња (мене ми излегоа 24, за едната 14 за другата 10).
Секое топче малку расукајте го во коричка и премачкајте со полурастопен маргарин. Наредете ги сите една врз друга и оставете малку да стои додека го спремате филот.
3. За филот измешајте ги сирењето и јајцата и ако има потреба досолете. Филот треба да е малку поредок, па затоа сирењето треба да биде ситно или изрендано.
4. Земете го купот со корички и расукајте една голема кора (ориентирајте се спрема тавата во која ќе печете). Кората со помош на сукало префрлете ја во намастена тава, истурете го филот и потоа краевите префрлете ги преку филот така што во средина ќе оставите непокриен круг (на сликите подолу). Така спремена ставете да се пече во претходно загреана рерна. Оставете малку да се излади па послужете со чаша јогурт или кисело млеко.
Добар апетит =)
Лиценца: Сите права се задржани