Празнични суви колачиња
Еве го мојот предлог за празнични колачиња. Благодарение на вас Мои Рецепти, дома ќе имаме нова традиција од сега па натаму за Нова Година. Колачиња правиме секоја година, ама никогаш волку рано. Од сега китење елка во сабота, печење колачиња во недела. Добиваш инстант новогодишно празнично расположение =)
Колачињата на сликата се направени од исто тесто, но сите се со различен вкус. Тестото е едноставно и може да го користите такво, но може и да додадете разни додатоци како кокос, какао, лешници, бадеми... Меко е, па тие нема лошо да влијаат на неговиот квалитет... Напротив! Употребете ја фантазијата и ќе добиете прекрасни колачиња.
Изработка на тестото
Брашното и прашокот за пециво просејте ги, па во нив додадете го омекнатиот маргарин и со прстите направете трошки. Јајцата изматете ги со шеќерот и ванилиниот шеќер и додате ги кај брашното. Замесете мазно тесто. Замотајте го во пластична фолија и ставете го во фрижидер 30 минути. Потоа е спремно за играње.
Колачињата се печат многу кратко, зависи колку дебели ќе ги направите, но отприлика 5-10 минути на 180 степени. Треба да останат бели.
Јас ставив какао во 1/4 од тестото, а останатите вкусови ги добив од „декорациите“.
1. Кружните колачиња со отвор се лепени со стоплен мармалад од вишни. За секое колаче треба да направите еден полн круг и еден круг со дупче и да ги споите.
2. Чоколадните срциња имаат глазура од бело чоколадо и суво грозје.
3. За корпичките ви треба калап, јас ги правев во калапот за мини мафини. Наједноставно е да исечете кружни форми од исуканото тесто и така да ги ставате во калапите. На овој начин сите ќе бидат еднакви. Полнети се со растопено темно чоколадо, а декорирани со кандирани портокали. Јас ги користам од слаткото од портокали на Лили. Добро исцедени ги сечкам и ги препелкам во кристал шеќер. Инаку може да се полнат со џем, ганаж, разни креми...
4. Чоколадните елкички се вистински чоколадни.
5. Четирилисните детелинки се прошарани со темно чоколадо и додека се уште беше меко ги испрскав со кокос.
6. Трилисните детелинки се со мешано кандирано овошје, ситно исечкано и измешано со тестото. Одозгора се прошарани со бело чоколадо со многу тенки линии. Инспирацијата беше од едни италијански колачиња.
7. Ѕвездичките се обложени со многу тенко исукан фондан исечен со истата форма како колачињата. Претходно ги намачкав со многу тенок слој сок од слатко за да се залепи фонданот.
8. Чоколадните крукчиња се обложени со тенко расукан марципан, а формите е најдобро да се прицврстат со капка бело чоколадо бидејќи марципанот е прозрачен.
9. Споените топчиња се инспирирани од ванилиците на Лили. Се прават мали топчиња кои се препелкаат во кршени ореви. По печењето се лепат со стоплен мармалад од кајсии.
10. Мермерните топчиња се направени од остатоците од бело и чоколадно тесто. Ги исукав многу тенко и двете, ги ставив едно преку друго и замотав ролат. Потоа сечев мали делчиња и ги правев топчиња.
Од сите видови правев по 12 колачиња, освен ванилици и мермерни топчиња кои беа по 10. Значи се на се, 116 колачиња.
Пријатен апетит!
Лиценца: Сите права се задржани
Туку имам и едно прашање ... фонданот го купуваш од некаде или е домашен? Ако е купен брзо сподели од каде, еднаш правев дома и потоа беше мини хаос во кујна :)))
Фонданот сама го правам, по истиот рецепт што го има ставено margarit4e, само јас не ставам маргарин. Сега ми остана од роденденската торта на ќерка ми па го искористив. Инаку, имам слушнато дека се продава во некоја продавничка до ресторан Дојрана, Овалекс Трејд се вика, ѕирни имаат сајт, ама јас до сега не сум била таму.
А за хаосот, не се секирај. Следниот пат ќе биде подобро :)