Многу вкусни и меки погачки, дома сите бевме воодушевени од вкусот. Пред некое време ја гледав Миња на ваков начин полни турски погачици, па ми светна идејата во посна варијанта =)) Рецептот за тестото одамна си го правам и е моето омилено тесто за посни кифлички и печива, а филот сама си го комбинирав. Се мислев дали ќе оди во комбинација со тестото , ама оди совршено . Ви ги препорачувам за постите , вистинска делиција се!

Подготовка на тестото
Во сад за месење додајте ги сите состојќи за тестото , само со десет лажици брашно и млаката вода. Размешајте со лажица, смесата треба да е ретка.Оставете ја така да стаса околу 20 минути.Потоа додајте по малку од останатото брашно зависно од тоа колку ќе прибере и замесете меко тесто.Оставете го повторно да стаса .

Подготовка на полнењето
Компирот и морковите излупете и ситно исечкајте ги.Во тенџере на оган ставете ги да се варат околу 15 минути а при крајот пред да ги тргнете од оганот додајте го и грашокот да се повари малку. Откако ќе ги извадете ставете ги во цадник да се исцедат убаво. Префрлете ги во длабок сад, додајте им ја туната, сол и црн пипер по потреба и размешајте ги.

Полнењето
Мали длабоки чинијчки (види дополнителни фотографија) премачкајте ги со маргарин и наросете ги со сусам и афион.
Стасаното тесто развлечете го и сечете го на поголеми кругови (проценете отприлика колкави ви се чинијчките).Ставете го кругот од тестото во чинијата врз семките и претиснете малку.
Наполнете со подготвената смеса и затворете со краевите на тестото, потоа премачкајте со маргарин . Излегуваат 5 - 6 погачици.
Печете во загреана рерна на 180 степени околу 25-30 минути.
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани