Полнета јагнешка плешка
Кога ќе се појави јагнешкото, ова е начинот на кој го подготвуваме во Струмица. Плешката е најомилен специјалитет, покрај дроб сармата и полнетите сплини.
1. Најпрво за да се отстрани мирисот на јагнешкото, кој за некои е
претежок, убаво е да се остави со часови во ладна вода која ќе се менува
често, потоа ставете ја плешката во млеко или бело вино да одстои преку
ноќта, а истото сторете го и со изнутриците.
Подобро е јагнето да е женско, мирисот е послаб.
2. Потоа измијте ги убаво и почнете со подготовка на зајрето за полнење.
По желба, варете ги или испржете ги изнутриците, бел џигер, црн, срце,
но може и само џигерче, исечени на коцки.
3. Испржете младо кромидче, додајте го оризот со малку врела вода да
омекне, помешајте ги со изнутриците и додајте ги зачините и сувата
издробена пиперка.
4. Сега отворете ја плешката над ребрата внимателно, па продолжете да ја
отварате, може со рака, а може и со дрвена лажица, нежно да ја
протнувате. Не се плашете и да се отвори некаде каде не треба, ионака
ќе шиете потоа.
5. Наполнете ја плешката со зајрето и со конец и игла сошијте го отворот.
6. Премачкајте ја плешката убаво со сите зачини и ставете ја да се пече
по можност во земјена покриена тава, додајте зејтин и вода со црвен
пипер и сушено нане.
7. Прво печете на силно, да се зацрви, потоа намалете на многу тивко,
спрема шпоретот и оставете така да се пече, со надгледување, до 3 часа.
Последниот час, откријте ја, додајте од зајрето ако ви останало во
тавата или додајте млад компир по желба и оставете да се зацрви плешката
одозгора.
Точни мерки на такви јадења не се потребни, користете ја својата
инвентивност, креативност, придржувајќи се сепак за основата на
рецептот.
Се сервира со кисело млеко и младо кромидче.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови
Vi blagodaram :)