Погачици со џимиринки (чварки)
Рецептот го добив од мојата тетка од Загреб. Редовно ми праќа слики дека ги прави па ај реков и јас да ги направам да видам што се толку посебни. Сабајлето правев џимиринки, си добив и домашно сало, па со дел од џимиринките ги направив и погачиците. И навистина, меки и прекрасни, овие погачици се совршени. При подготовката на тестото, важно е состојките да не бидат ладни, бидејќи сака топло опкружување, па освен состојките, добро е да ја одржувате и просторијата топла.
Подготовка
1. Џимиринките сомелете ги.
2. Во помал сад измешајте го квасецот, додадете го шеќерот и топлото млеко. Промешајте и оставете го 10 тина минути на собна температура.
3. Додадете ја солта и црната попер во брашното и полека додавајте го брашното, додадете го растворениот квасец, јајцето, салото и замесете убаво мазно и меко тесто. Ако тестото ви е многу лепливо, додадете малку брашно и обратно, ако е многу тврдо, додадете некоја капка млеко.
4. Покријте го тестото и оставете го 10 тина минути, потоа нежно измесете го и оставете го покриено уште 30-40 минути на топло место да се крене.
5. Кога ќе се накрене, префрлете го тестото на набрашнета површина и тенко расукајте го со сукало. На едната половина нанесете 1/3 од сомелените џимиринки, а потоа преклопете ја со другиот дел.
6. Повторно расукајте го тестото. Повторете ја постапката и нанесете ја втората третина од сомелените џимиринки. Повторно раширете ја кората тенко и нанесете ги останатите џимиринки и преклопете ја кората.
7. Уште еднаш преклопете ја кората и расукајте ја во дебелина од околу 1,5 см.
8. Исечете го тестото на квадрати и наредете ги во плех обложен со хартија за печење. Премачкајте ги со разматената жолчка, по желба додадете и сусам. Оставете ги да се накренат околу половина час и ставете да се печат 20-30 минути на 180-200 ° С.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови