Пита со мелено месо
Прв пат првам пита со мелено месо и не се покајав. Лесно и брзо се прави, а што е најбитно вкусно е.
Од наведените состојки замесете меко тесто. Јас обично квасецот посебно го стасувам да си го скратам чекањето да стаса тестото.
Додека стасува тестото, се спрема филот. Во тава на огин се става ситно исецканиот кромид да се пропржи на малку масло и се додава меленото месо. Се динста 20 тина минути и се трга на страна.
Кога е тестото стасано се дели на 14 топчиња, на 2 места по 7. Се расплескува со рака топче да се добие мала кора се премачкува со маргаринот, врз неа се става друга и така додека да се потрошат сите. На последните не се става маргарин.
Од двете купчиња се сукаат две кори кои треба да бидат поголеми од обемот на тавчето во кое ќе се пече питата (јас правев во бр 26). Кога ќе се расука првата кора се става на дното на намастеното тавче така што ќе излегува на краевите. Се става врз неа филот и се става одозгора втората кора набрана. Со вишокот тесто на краевите се прави витка. Се премачкува питата одозгора со остатокот од расопениот маргарин и се става во загреана рерна на 200 степени да се пече 30-40 мин, додека убаво да порумени.
Добар апетит
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови