Овие ражени ги спремав за скорешниот пикник за 1ви Мај по сопствена импровизација и тоа послеполноќна непосредно пред денот. И морам да ви кажам дека беа хит, сите ги избендисавме. Ги победија и плескавиците и ребрата и ќебапите и колбасите : )
На око шарени и привлечни, цело време се стрептев дали воопшто ќе бидат добри за јадење и дали нема да си ја платам дрскоста со моето ноќно импровизирање пред сите. „Па што си грабнала стек за на скара бре!? Зар малку добро месо има?“ се претвори во „Ммм... колку се добри овие, алал да ти е, дај уште едно“ ; )

Доста беше фалење, сега за спремањето. А фалам за да се осмелите да ги пробате, иначе скромничка сум си јас (ко ќе спијам само) : )

Стекот се сечи на коцки и се става во длабока чинија. Се додаваат сите состојки за маринада и убаво со рака се меша за да фати насекаде. Сол не додаваме, ниту пак сушениот зеленчук за да се задржи сочноста и солта да не ја истера водата од месото.

Вака приготвеното месо се покрива со стреч фолија и се остава од вечер во фрижидер.

Следниот ден се се реди на дрвените стапчиња за ражничи. Но, претходно прво се лупи тиквичката и се сечи на коцки. Се става во сад со 1 лажица масло и малку сол и стои додека се спремаат шери доматчињата, т.е. се измијат и извадат од гранчето. На крај пиперките се сечкат на кругови со дебелина од 1 см.

Редење – после секое парче стек по еден зеленчук. Кај мене одеше стек – тиквичка - стек – цело мало шери доматче – стек – тиквичка – стек – пиперка – стек тиквичка (со обзир дека си купив само 2 пиперки подолги кои ме фатија 100 ден. : ), па тиквички „има се – може се“ работата : ) ).

Вака приготвени потоа се печат на скара. Ако се решите да пробате, уживајте. Ние ептен да ; )

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани