Печењето риба секогаш е предизвик в кујна. Затоа наједноставно и најсигурно е да ја испржиш. Но, бидејќи јас сакам предизвици и преферирам печено, а не пржено, рибата си ја испеков.
Рибата ми беше во замрзнувачот, ја одмрзнав во топла вода и потоа ја избришав да биде сува. Ручекот го подготвив по повод празникот 11 Октомври - Денот на Македонскот востание.

Одмрзнатите парчиња ослич испрпелкајте ги во пченкарно брашно, посолете ги убаво од двете страни и наредете ги во намастена тава.
На страна измешајте го цедениот лимон, магдоносот и лукот.
Маслото, 70 мл, загрејте го да биде жешко.
Прво со жешкото масло попарете ја рибата, а потоа нанесете поголем дел од маринадата одозгора. Останатата маринада измешајте ја со свежо маслиново масло околу 30 мл, таа маринада ќе си ја употребите како сос за рибите после печење.
Ставете ги рибите да се печат на 250 степени околу 1 час. Превртете ги еднаш во текот на печењето и полејте ги со маслото во тавата. По потреба, додадете малку масло.

Паралелно со печењето на рибата, подготвив гарнир од половина килограм брокула и 3 компири. Ги исечкав на парчиња, налеав вода 1 прст, и одозгора додадов маслиново масло, сол, црн бибер и лук. Покрив со алуминиумска фолија и оваа тава ја ставив најдолу во шпоретот истовремено да се печи со рибата. Кога ја извадов рибата, тавата ја ставив на средната решетка без фолија да се допечи уште неколку минути.

Напомена - за подготовка на ова јадење ги користев Делимано тавите коперлукс, кои се нелепливи и одлични.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови