Еве за прв пат и во нашата кујна се спреми месо од дива свиња. Задолжен за подготовка беше сопругот. Значи навистина превкусно месо. Искрено скептик бев на почетокот за тоа каков е вкусот на месото, ама на крај воодушевена. Па плус дека и друг ти го спремал хахаха. Во следна прилика без двоумење ќе го спремаме на овој начин.

1. Во пластичен сад ставете го убаво измиеното и исечено на коцки месо. Додајте го кромидот исечен на четвртинки, крупно исецканиот морков, крупно исецканиот целер, листовите целер, магдоносот, гранчињата рузмарин, ловорот, жалфијата, зрната бибер, бобинките од смрека, каранфилчињата, циметот и налејте црвено вино.
Треба целото месо да биде облеано со вино. Покријте го садот со соодветен капак, да биде убаво затворен и оставете во фрижидер да отстои 24 часа. Откако ќе отстои извадете го од маринадата и убаво избришете го со кујнска крпа.

2. Во тенџере на оган ставете маслиново масло, додајте 1 рендан морков, исецканиот кромид и крупно сецканиот целер. Пропржете, па додајте го месото. Пропржете го месото, па додајте го виното.
Оставете на среден оган додека виното подиспари. Потоа додајте го останатиот морков исечен на кругови, рузмаринот, жалфијата, ловорот. Посолете, наросете бибер и додајте малку мешан сув зачин. Налејте 2 црпалки врела вода, покријте со капак и оставете на тивок оган да се готви. Ние го готвевме 3 часа. Во текот на готвењето ако има потреба додавајте по малку врела вода.

Сервирајте по желба.
Ние го јадевме со палента(така го служат тука кај што живееме).

Совет
Сосот што ќе ви остане(ако ви остане) секако може да си го измакате со лебче, но јас ќе ви предложам да го искоритете како сос за талјатели. Едноставно сварете талјатели и измешајте ги со сосот од месото. Ако ви остане и малку од месото искинете го на парчиња и додајте го во сосот. Вака ќе си имате ручек за 2 дена.

На здравје.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани