Макало со лук и ореви (посно)
Еве едно брзо посно макало за љубителите на лук. Оригиналниот рецепт се спрема со толчник, но јас го направив со рачен блендер и беше готово за 5 минути.
Пиперката ставете ја на рингла или во рерна на тивко да се исуши, внимавајте да не изгори. Треба да не биде мека, да се крши. Потоа искршете ја или исечете ја на поситни парчиња. Дали ќе ставите лута или блага пиперка зависи од вашиот вкус.
Лукот исчистете го и чешнињата исечете ги на 2-3 парчиња.
Во сад за блендирање ставете ги парчињата пиперка, лук, оревите и маслото. Сето изблендирајте го во мазна смеса. Потоа попарете го со ВРЕЛА вода и промешајте го со лажица. Ќе ви изгледа дека е многу ретко, но како ќе се лади така ќе добива на густина. Ако е многу густо кога ќе се излади, разредете го до посакуваната густина, а ако е ретко (зависи колку лук и реви сте ставиле) згуснете го со мелени ореви. На крај посолете во вкус.
Пријатен апетит!
Лиценца: Сите права се задржани