Лисната пита со два фила
Нема дом во кој не се подготвува пита, сукана или влечена со различни филови. Ви претставувам еден од начините на кој ја подготвувам, па се надевам ќе ви се допадне.
1. Квасецот го растварате во чашка со млака вода и малку шеќер. Во подлабок сад го ставате брашното, солта, содата и зејтинот, а потоа кон нив ја додавате водата. Треба да добиете меко тесто кое не се лепи, па ќе ги прилагодите количините. Убаво месете го тестото барем 5 минути додека стане мазно. Потоа поделете го на 3 дела, 2 еднакви (за горе и доле) и едниот помал (за средната кора).
2. На набрашнета површина со сукало развлечете правоаголна кора. Премачкајте ја целата со маргарин, а потоа преклопете ги краевите до пола за да се сретнат на средина. Потоа повторно премачкајте со маргарин и повторно преклопете до пола по должина (на сликите подолу). Премачкувате повторно и преклопувате од страна да добиете помал правоаголник. И уште еднаш се премачкува и се преклопува на половина. Тргнете на страна. На ист начин ги правите сите 3 кори и ги оставате да одморат.
3. За филот со сирење, раздробете го со вилушка сирењето, додадете ги јајцата и убаво промешајте. Во зависност од соленоста на сирењето досолете си по вкус.
4. За другиот фил, исчистете ги листовите и исечкајте ги поситно. Посолете малку и стиснете со рака за да излезе вишокот течност. Додадете го сирењето и јајцето и промешајте да се изедначи смесата.
5. Од првата кора со сукало развлечете поголема кора (во зависност од плехот во кој ќе печете) и префрлете ја во намрсениот плех. Кората треба да е маклу поголема и да излегува од страните за да може да направите витка. Ставете го филот со сирење и покријте со најмалата кора (треба да е колку плехот). И на крај ставете го вториот фил и покријте со третата кора. Направете витка, попрскајте со малку зејтин и оставете ја питата 20-тина минути. Печете во загреана рерна. Од време на време проверувајте. Кога питата е готова извадете ја од рерната, попрскајте со малку вода и покријте ја со крпа да се олади.
Послужете со кисело млеко или јогурт и уживајте.
Добар апетит.
***Количините одговараат на мојот плех од рерната, па во зависност во што ќе печете ќе си ги прилагодите.
Лиценца: Сите права се задржани