Мезе за мерак, такви беа коментарите кога ова предјадење се најде на нашата трпеза. Многу едноставно за подготовка, а уште поубаво што се припрема во рерна, па ќе заштедите и на време.

1. Измиените тиквички излупете ги, отсечете им ги краевите и исечете ги на тенки листови по должина.
2. И пилешкиот стек исечете го на тенки долгнавести парчиња. Покријте ги со најлонска фолија и со толчник истенчете ги. Зачинете по вкус со сол, мешан сув зеленчук.
3. Печените пиперки исечете ги на ситни коцки и додадете ги во крем сирењето. Убаво промешајте
4. За формирање на ролатчињата најпрво земете лист тиквичка, посолете и врз тиквичката ставете парче тенко исечена сланина. Врз неа ставете го зачинетиот пилешки стек. На едниот крај од ролатчето ставете малку од филот со крем сирење и пиперки. Завиткајте ролат и зацврстете го чепкалка за заби да не се распадне додека се пече.
5. Повторувајте ја постапката додека не ги потрошите сите состојки. Ролатчињата редете ги во тава за печење. Врз секое од нив ставете мало парченце путер и попрскајте со маслиново масло. Печете во загреана рерна на 200-220 степени околу 15 минути.
6. Испечените ролатчиња украсете ги со половинки од шери доматчиња и уживајте во вкусот

На здравје

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови