Кумановска прженица (свинска домашна салама)
Ова е стар традиционален рецепт барем овде во нашиов Кумановски регион.
На овој деликатес се сеќавам уште од многу малечка моите две баби редовно го подготвуваа секој година во периодот на колење свиња. Нашите предци убаво се знаеле да искористат од се она што ние денес го фрламе или не сакаме да губиме време во целата процедура околу средување на свињата.
Доста се распрашував затоа што секој прженицата си ја прилагодил онака како што се и навиките на јадење некој не сака црн џигер или бел, некој не сака црева...јас овде ќе ви ја презентирам мојата постапка која за почетници како нас беше преубава.
Подготовка.
Цревата ги миеме превртуваме или со ножици ги распаруваме.Повторно убаво миеме ги ставаме во тенџере со вода колку да ги покрие. Сипуваме шака сол и малку алкохолен оцет да одстојат неколку часа. Ја исипуваме течноста и додаваме повторно вода и малку сол и вариме околу петнаесетина мин. Оваа постапка ја повторуваме уште два пати.
Откако ги ќе се сварат цревата се ладат со ладна вода и сечат со ножички на ситни парчиња. Цревата се спремни и се ставаат во шерпата за пржење.
Свинската глава ја ставаме во поголемо тенџере налеваме вода и ја вариме додека месото не почне да се оделува од коската. Од сварената глава го вадиме месото кои ситно го цекаме, јазикот кој го лупиме и него ситно го сецкаме, мозокот...се убаво иситнето го ставаме во тавата за пржење заедно со цревата.
Џигерите ги вариме и нив ситно ги сечеме и додаваме во смесата за пржење.
Во смесата додаваме зачини по желба јас ставив неколку ситно сецкани везени пиперки и три страка праз.
Тенџерето ни е спремно смесата ја промешуваме и налеваме вода колку да се покрие смесата.
Вариме на тивок огин додека ни испари водата во оваа фаза ги додаваме чварките кои ќе пуштат малку маст и ќе започне фазата на пржење.
Не го силете огинот значи нека се пржи на умерена температура додека целата смеса не добие кафеава боја околу еден час со константно мешање.
На крај откако ќе го тргнете тенџерето додадете ги зачините буковец, кцана сол, сол и бибер.
Смесата жешка треба да се процеди на цедалка метална (постарите би трабало да ја имаат јас ја позајмив од комшивката не можев да најдам во прдавниците). Вака процедена се става во црева (ги има во месарите се продаваат на метар) или се пакува во пластични чашки со капак или обични кеси за замрзнувач.
Прженицата се лади и се става во замрзнувач.
Јас ја послужувам вака убаво исечена како мезе или ја пржиме со кисели пиперки од туршија и јајца.
Забелешка.
Прженицата пред да се стави да се крчка и пржи може да се сомеле на машина за месо, добивате мазна смеса како салама. Зачините се секогаш индивидуални може праз да не ставате или везенки. Некој во прженицата ставаат и пилешко месо од батаци. Вие одлучете која ќе биде вашата комбинација.
Мерките зависат од големината на свињата затоа точно и прецизно неможам да ви напишам. Некоја свиња има повеќе чварки и маст некоја има само едно тањирче нашето свинче имаше околу 160-170кг.и околу 20кг. маст.
Лиценца: Сите права се задржани
Ви благодарам за коментарите:)
CESTITKI!!!