Кајзерици по рецептот на баба Славка
Уште го чувам стариот тефтер со рецепти на мајка ми. Искинати страници, намастени, мирисите од детството запишани со ракописот на мајка ми.
Овој рецепт е од баба ми Славка. Само таа знаеше од една толку едноставна работа да создаде фантазија. Баба ми Славка немаше тефтерче со рецепти, сите ги знаеше на памет, а и не користеше мерки. Се од око приготвуваше и никогаш, никогаш не утнуваше. Магијата на љубовта.
Моите баби и мајка ми беа феноменални готвачи. Тешко е да се натпреваруваш со совршенство, ама убаво е кога имаш патокази кои вредат да се следат во животот <3
Овие кајзерици си ги викавме и кравајчиња. Совршен спој со руска салата и гравче тавче.
Во длабок сад се мешаат сувите состојки, па се додаваат течните. Убаво се меша со лажица, па се меси да се изедначи и да стане мазно тестото.
Не се остава да стаса, туку веднаш се прават мали топчиња и се редат на плех премачкан со масло.
Се вклучува рерната на 200 степени и додека се загрева се оставаат да стасуваат прекриени со крпа или со најлонче и крпа.
Пред печење се премачкувааат со едно изматено јајце.
Се печат окулу 30-40 мин, во зависност од рерната.
Татко ми вели дека јадењето е готово тогаш кога ќе замириса убаво.
Јас при спремање ретко користам свеж квасец, па впишав и количинска замена за сувиот.
Од ова тесто излегуваат 16 топчиња. Го делам на пола, па половините на пола, па пола....додека не добијам 8 топчиња од едната половина и 8 од другата(нали овај)
Ги печам во Делимано ростерот. Иако делимано ростерот не лепи, сепак го намастувам. Подобар шмек и крцкавост имаат со малку масло. Ги пробав и двете варијанти, па од искуство зборувам.
Исто така ги направив и со интегрално пченично брашно. Вкусни беа, ама не беа мирисот и вкусот од моето детство, па не ги правам веќе така.
Од кога мирисот на детството се врати во мојот дом, се видов и себе си во желбите на Младунче.
- Мамика, сакам лепче - и јаде само лепче додека има. Е тоа бев јас како мала. Добрата работа е што си ласкам дека добро сум ги приготвила како баба ми.
Нека ви е на здравје мирисот и вкусот на едно прекрасно детство.
Нека ви го збогати домот и трпезата со убави моменти, како што го направи тоа за мене.
Лиценца: Сите права се задржани
фала ;)