Капри торта со вишни
Тортата е вистинско летно освежување. Верувам ќе ви се допадне.
Ви препорачувам да користите свежи или во моментов замрзнати вишни заради киселоста. Не дека и оние од компот не можат да се користат, но, од искуство, тортата е многу поубава така.
1. Пандишпанот како што може да видите од состојките е оној класичен старински пандишпан. Па така пенесто изматете ги јајцата со шеќерот додека не се добие густа светла смеса. Во брашното измешајте ги пецивото и солта и додадете ги во јајцата. Додадете ја ванилата и кората од лимон и со шпатула промешајте. Округла тава со бр.24 обложете ја со мрсна хартија, истурете ја смесата, израмнете и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180С.
Кога тестото е готово, извадете го од рерна, нека се излади малку па префрлете го на решетка да се лади.
2. За кремот користев смрзнати вишни и сокот кој го пуштија (кај мене беше 200мл.) Вишните, сокот, водата и шеќерот ставете ги во сад на оган. Претходно тргнете малку вода за да го растворите пудингот. Користете било кој овошен пудинг или ванила пудинг. Кога ќе зоврие, додадете го растворениот пудинг и мешајте да се згусне. Тргенете од оган.
За понатаму пожелно е да користите калап со прстен, за полесна работа.
Испечената и оладена кора ставете ја во калапот и натопете ја со 100мл. ладно млеко. Веднаш потоа сипете го топлиот крем, израмнете од горе и оставете на собна температура да се лади. Кога ќе се излади може да префрлите во фрижидер.
Си бара малку повеќе време, но вреди за секоја минута.
3. Кога тортата е веќе изладена, отворете го калапот и отстранете го прстенот.
Шлагот подгответе го според упатството со 100мл. ладно млеко и 2 лажици шеќер. А во киселата павлака ставете го шеќерот во прав и измешајте. Потоа со лажица спојте ги двете смеси и премачкајте ја целата торта. Украсете по желба.
Пресечете си парче и уживајте.
Добар апетит =)
*Може да користите било кое овошје или микс овошје. Исто така може место торта да си подготвите како колач.
Лиценца: Сите права се задржани