Италијански спирални Пица-Стапчиња
Брзи за подготовка, бидејќи не се чека замесеното тесто да стаса. Овие вкусни спирални стапчиња подготвени по традиционален италијански рецепт, прв пат ги правам, и можам да ви кажам дека освен што се превкусни, истотака се и декоративни и можат да бидат дел од вашата трпеза по повод некоја свечена пригода.
Подготовката е на следниот начин -
1. Најпрво го топиме маргаринот и го оставаме да олади. За тоа време го активираме квасецот со додавање на шеќерот, млекото и 1-2 лажици од вкупната количина на брашното. Во сад за месење ставаме пола од вкупната количина на брашно, додаваме сол, го додаваме стасаниот квасец, павлаката, јајцето, и изладениот маргарин. Замесуваме меко и мазно тесто со постепено додавање на останатата количина на брашно. Замесеното тесто веднаш го делиме на 2 исти дела.
2. Филот се спрема на следниот начин - шунката и кашкавалот ги рендаме на ситната страна од рендето, го додаваме ориганото и кечапот, соеднуваме до хомогенизирање. Од првиот дел расукуваме тенка кора (околу 40х40цм) врз неа го распоредуваме рамномерно филот. Врз филот ја ставаме другата кора претходно расукана со истите димензии. Благо поминуваме со оклагијата за да се залепи убаво филот. Добиената кора ја сечеме на пола, па потоа од секоја половина сечеме ленти со ширина 1-1,5цм. Секоја лента ја виткаме спирално.
3. Во тавата за печење ставаме хартија за печење, и ги редиме добиените спирални стапчиња. Веднаш ги премачкуваме со јајцето, и ставаме сусам или оригано (по вкус). Јас на дел од нив не ставив ништо, по желба на децата. Печеме веднаш во загреана рерна на 200 степени - околу 20,25 минути. Додека се пече првата тура, спремајте ја втората.
На здравје!
Забелешка - Од оваа доза јас направив околу 40 пица стапчиња.
Лиценца: Сите права се задржани